Јавен повик до граѓанските организации за доделување грантови

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) преку програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓанските организации“ објавува јавен повик за доделување грантови. Програмата ја спроведува МЦМС во соработка со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС). Програмата е финансирана од Европската Унија.

Целта на овој повик е да овозможи зајакнување на капацитети на граѓанските организации за транспарентно работење. На овој повик може да се пријават организации кои се регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации најмалку една година пред објавата на повикот. Целокупниот износ на финансиски средства кој е на располагање во рамките на грантовите за транспарентност изнесува 52.000 евра (3.198.000,00 МКД). Грантовите за транспарентност ќе се доделат во два одделни повици. Планираните средства за распределба во рамките на првиот повик изнесуваат 28.000 евра (1.722.000,00 МКД). Во првиот повик ќе се доделат најмалку седум грантови во износ до 4.000 евра (246.000 МКД) по грант. За овој повик организациите кои ќе поднесат предлог-проект треба да обезбедат кофинансирање.

Рокот за поднесување на апликациите е 25 февруари 2019 г. до 17:00 часот. Апликациите се доставуваат на адресата: „Никола Парапунов“ бр. 41А, пошт. фах 55, 1060, Скопје, и тоа по пошта по препорачано писмо, по курир или лично на рака. Една организација може да се јави како апликант во само една апликација.

Целокупните информации во однос на целите и очекуваните резултати од повикот, условите за аплицирање, подобните активности и начинот на аплицирање може да ги најдете во упатството за аплицирање. Самата апликација се состои од:

  • Формулар за аплицирање;
  • Буџет;
  • Копија од тековната состојба не постара од 6 месеци.

Сите потребни документи се достапни за преземање на www.mcms.mk. Доколку имате проблеми околу преземањето и/или имате дополнителни прашања, може да се обратите преку е-пошта на јch@mcms.mk со назнака: Референтен број: 11-49/3-2019.

Ве молиме проследете го овој повик до сите граѓански организации кои би биле заинтересирани.