Финансирање на граѓанските организации во време на ковид-19: случај на доделување средства од Владата во 2020 година

Автори: Савевска Алекснадра, Ивановска Фанија

Дата: 2020

PDF MK: https://www.otcetnigo.mk/wp-content/uploads/2021/02/Analiza-Finansiranje-na-GO-vo-vreme-na-kovid-19.pdf

Граѓанскиот сектор во Македонија е еден од највлијателните актери во иницирањето и следењето на општествените промени во сферата на социјалата, политиката и економијата. Оваа улога на граѓанскиот сектор е препознаена во општеството. Впрочем,  активностите на граѓанските организации се видливи најмногу во иницирање и реализирање развојни програми кои во својата основа ги вградуваат почитувањето на човековите права и слободи. Ако може да се сумираат најзначајните постигнувања по области на граѓанскиот сектор во последните дваесет години, тоа се: социјалното згрижување и давање услуги за социјално загрозени лица и групи на граѓани, борбата против корупцијата, заштитата на животната околина, заштитата на човековите и на малцинските права, родовата еднаквост, справувањето со бегалската криза 2015 година и хуманитарните активности од минатото итн. Накратко, граѓанскиот сектор од осамостојувањето на Македонија до денес успешно го пополнува демократскиот вакуум кој се создава од неажурноста на државата да допре до граѓаните и заедниците и навремено и ефикасно да ги реализира нивните права.

Иако од 2019 година се очекуваа позначајни поместувања во однос на воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации, кризата со пандемијата на ковид-19 влијаеше на поместување на овие планови. Па така, не само што не се воспоставија контурите на новиот модел, туку Владата без никакви консултации унилатерално одлучи на почеток на пандемијата да ги скрати средствата предвидени во буџетот на Република Северна Македонија (РСМ) за 2020 година за граѓанските организации. Во овој краток осврт ќе биде презентиран случајот во кој Владата во 2020 година одлучи да ги скрати и потоа врати и додели средствата за граѓанските организации од буџетот.