Како здруженијата кои меѓу првите одговорија на пандемијата, станаа први на листата за кратење на буџетот

Македонскиот центар за меѓународна соработка ја подготви и објави анализата: Финансирање на граѓанските организации во време на Ковид-19: случај на доделување средства од Владата во 2020 година која, се осврнува на критичните точки од постапката за доделување на средствата за граѓански организации од страна на Генералниот секретаријат при Владата на РСМ. Разгледувајќи го овој најнов случај на државно финансирање, уште еднаш се потенцираат основните принципи кои властите треба да ги следат во оваа област.

Авторките на анализата констатираат дека и покрај очекувањата, во 2020 година не се случија поместувања во однос на воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации. Властите беа окупирани со кризата предизвикана од Ковид-19, па ова прашање беше оставено на маргините.

Иако граѓанските организации беа меѓу првите кои започнаа активности за надминување на кризата предизвикана од Ковид-19, за жал, тие беа први и на листата на Владата за кратење на годишниот буџет наменет за нивни проекти. Без никакви консултации, Владата на 9 април 2020 година одлучи да скрати вкупно 32.500.000 денари или околу 525.000 евра кои редовно се доделуваат на граѓанските организации. Ова предизвика реакција кај граѓанските организации кои преку Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор побараа враќање на средствата кои преку повици ќе бидат доделени и наменети за справување со пандемијата.

По реакциите, Владата, на 5 јуни 2020 година објави повик за предлог-проекти на граѓански организации кои ќе бидат наменети за справување со кризата од Ковид-19. Вкупниот износ наменет за овие проект беше 30.000.000 денари.

Анализата се осврнува на критичните точки кои влијаат на транспарентноста и отчетноста на постапката за распределба на државните средства како што се: краткиот рок за доставување на апликациите, само седум дена; комисијата за оценка на пристигнатите предлог-проекти која беше составена од високи владини функционери (министри и заменици, генерален секретар и двајца претставници на Советот); оценувањето на пристигнатите пријави кое се одвиваше нецели три дена кога Комисијата оценила 549 пријави. Односно, како што пресметале авторките, оценувачите имале по околу пет минути за да прочитаат една целосна апликација (проектна рамка и буџет) и да и дадат оценка.

Во последните три години се направија позитивни исчекори на новата Влада кон отворање на институциите за соработка и вмрежување со граѓанскиот сектор, а Владата изрази подготвеност да го промени системот на државно финансирање. За жал, примерот на нетранспарентно кратење на веќе планирани средства од буџетот го враќа целиот процес наназад.

Оваа анализа е подготвена во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ која се имплементира од страна на МЦМС во партнерство со Центарот за развој, соработка и информирање на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), а финансиски е поддржана од Европската Унија.