Овозможивме јакнење на капацитетите во неколку клучни области

Во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ се спроведоа низа на активности за таргетирано градење на капацитетите на организациите. Се реализираа пет обуки и 26 менторски сесии, а се подготвија и неколку алатки кои организациите можат да ги користат во секое време и за различни потреби со цел подобрување на организацискиот развој и унапредување на внатрешните процеси на работа.

Во период од 2018 до 2020 година се реализираа пет обуки. Најпрво се започна со обука за организациите кои добија ре-грантови, а кои имаа можност пред почетокот на нивното имплементирање да добијат насоки за организациски развој и алатки за воспоставување квалитет во организациските процеси. Потоа се организираа отворени повици за уште четири обуки за сите заинтересирани организации кои сакаа да научат повеќе за финансиско управување и финансиска транспарентност лидерски вештини и техники и обука управување со ризик во граѓански организации. Вкупно 98 претставници од граѓанските организации  – 46 мажи и 52 жени учествуваа на овие обуки. Во сите обуки карактеристично беше давањето на простор за работа на конкретни ситуации од секојдневните предизвици со кои се соочуваат организациите во нивното работење. Особена заинтересираност се имавме за обуката за управување со ризици, која заради актуелната пандемија се спроведе он-лине на интерактивен начин преки давање на индивидуални и групни задачи за реализирање.

Дополнително, за да се овозможи поголема дисеминација се подготвија низа на алатки кои нудат различни можности за организациите кои сакаат да го унапредат своето работење и воспостават поголема транспарентност и отчетност.

Една од овие алатка се „Насоките за ефикасно управување и раководење во граѓанските организации“.  Имено, со насоките се опфаќаат најчувствителните прашања во однос на следењето на принципите на добро управување кои произлегоа од следењето на работата на грантистите како што се: организациската структура и јасното издвојување на органите на организациите, судирот на интерес, управувањето со човечките ресурси, соодветното набљудување и оценка, како и одговорното финансиско работење. Не секогаш организациите можат лесно и навремено да дојдат до одговори на прашањата кои се важни за подобрување на управувањето и раководењето. Токму затоа насоките имаат за цел да придонесат да се изгради капацитетот за отчетност и транспарентност на поширок круг граѓански организации.

Потоа ја преведовме алатката „Rendir App“ – (во превод) „Биди отчетен“ на македонски јазик. Оваа алатка е едноставен начин на само-оценување во однос на Глобалниот стандард за отчетност на граѓански организации. „Rendir App“ има 24 прашања поврзани со 12-те заложби на Глобалниот стандард и нуди препораки за подобрување.

Заради пандемијата со Ковид-19 менторските сесии ги реализиравме он-лине  со што на поефективен начин овозможиме менторство за повеќе заинтересирани организации, а не само на грантистите.  Се реализираа 191 препораки во областите: подготовка на наративни и финансиски извештаи, прашања од областа на работните односи и раководење со човечки ресурси, прашања од областа на финансиско управување и итн.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.