Пет успешни приказни за подобрената отчетност на мрежите на граѓански организации

На 30 март 2021 година, на посебен настан беа презентирани резултатите на пет македонски мрежи на граѓански организации, кои, благодарение на поддршката од програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на граѓански организации“ ги зајакнаа своите капацитети за транспарентно и отчетно работење. Македонските мрежи на граѓански организации ги креираа или ревидира своите стратешки документи и системи за внатрешно управување; ги воспоставија или надградија организациските структури; го подобрија партиципативното и демократско ноење одлуки итн. Вкупниот реализиран буџет беше околу 21.000 евра.

„Овој проект беше одлична можност да се застане и да се размисли за внатрешно зајакнување бидејќи, најчесто граѓанската иницијатива  делува пред избори или други важни настани, така што еден добар период, ние и нашите членки можевме да се занимаваме со нашето внатрешно работење и да го подобриме начинот на кој работиме и комуницираме со граѓаните“, рече  Мухамед Ајваз, координатор на проектот во Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико. И за Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција овој проект е институционална поддршка за организацијата, „а поддршката од овој тип за организациите во земјата е многу мала и затоа овој грант е од голема важност за понатамошниот развој на коалицијата“, рече таа.

Извршните директори на МЦМС и БЦСДН се осврнаа на заложбите за креирање на поволни услови за отворени, отчетни и транспарентни организации. Александар Кржаловски од МЦМС зборуваше за состојбата на граѓанските организации во земјата и потребата за одговорно и транспарентно работење на организациите. Со споделување на неколку позитивни примери, Билјана Спасовска од БЦСДН, укажа на потребата за трајно инвестирање во одговорни практики на мрежите. Таа исто така потенцираше дека членството и ангажманот на БЦСДН во глобалните платформи, како што се Глобалниот стандард за отчетност на граѓанските организации, Партнерството на граѓанските организации за ефикасност на развојот (CPDE) и АГНА (CIVICUS) придонеле за одговорноста во работењето.

Грантистите ги презентираа постигнатите резултати. Јована Јовановска Кануркова, од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ) / Хелсиншки комитет за човекови права го претстави проектот Зајакнато вмрежување за засилено движење ЛГБТИ; Лилјана Јоноски, од Рурална коалиција, дискутираше за проектот Преку регулирана транспарентност и отчетност до партиципативна и одржлива рурална коалиција; Мухамед Ајваз, од Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико и граѓанско движење АВАЈА, ги истакна резултатите од проектот Транспарентно и етичко граѓанско движење „Аваја“; Филип Стојановски од Центар за климатски промени и мрежата на Вклучи се, за здрава животна средина! го претстави проектот Градење на капацитетите на неформалната мрежа „Вклучи се!“, а Зоран Илиески, од Коалицијата на младински организации СЕГА зборуваше за резултатите од проектот за јакнење на транспарентноста и отчетноста на коалицијата на младински организации СЕГА.

Ковид-19 беше неизбежна тема, па во дискусијата, учесниците се осврнаа на тоа како пандемијата влијаеше на нивната работа. Иако ги затекна организациите на почеток на спроведувањето на проектите, пандемијата не го спречи воспоставувањето нови практики на комуникација со засегнатите страни и креирање на нови услуги кон крајните корисници. Сите пет грантисти се обврзаа да останат отчетни пред луѓето со кои работат на долг рок.

Програмата е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со BCSDN и Центарот за информации, поддршка и развој на невладини организации (CNVOS) од Словенија

Погледнете го целиот настан тука.