Јавен повик до граѓанските организации за доделување грантови

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) преку програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓанските организации“ објавува јавен повик за доделување грантови. Програмата ја спроведува МЦМС во соработка со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС). Програмата е финансирана од Европската Унија.

Целта на овој повик е да овозможи зајакнување на капацитети на граѓанските организации за транспарентно работење. На овој повик може да се пријават организации кои се регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации најмалку една година пред објавата на повикот. Целокупниот износ на финансиски средства кој е на располагање во рамките на грантовите за транспарентност изнесува 52.000 евра (3.198.000,00 МКД). Грантовите за транспарентност ќе се доделат во два одделни повици. Планираните средства за распределба во рамките на првиот повик изнесуваат 28.000 евра (1.722.000,00 МКД). Во првиот повик ќе се доделат најмалку седум грантови во износ до 4.000 евра (246.000 МКД) по грант. За овој повик организациите кои ќе поднесат предлог-проект треба да обезбедат кофинансирање.

Рокот за поднесување на апликациите е 25 февруари 2019 г. до 17:00 часот. Апликациите се доставуваат на адресата: „Никола Парапунов“ бр. 41А, пошт. фах 55, 1060, Скопје, и тоа по пошта по препорачано писмо, по курир или лично на рака. Една организација може да се јави како апликант во само една апликација.

Целокупните информации во однос на целите и очекуваните резултати од повикот, условите за аплицирање, подобните активности и начинот на аплицирање може да ги најдете во упатството за аплицирање. Самата апликација се состои од:

  • Формулар за аплицирање;
  • Буџет;
  • Копија од тековната состојба не постара од 6 месеци.

Сите потребни документи се достапни за преземање на www.mcms.mk. Доколку имате проблеми околу преземањето и/или имате дополнителни прашања, може да се обратите преку е-пошта на јch@mcms.mk со назнака: Референтен број: 11-49/3-2019.

Ве молиме проследете го овој повик до сите граѓански организации кои би биле заинтересирани.

Средби со грантистите: следење на постигнатото и дополнителна поддршка за реализирање на проектите

Со цел да се воспостави дополнителна линија за поддршка за граѓанските организации кои добија грант за унапредување на внатрешните организациски структури на управување, тимот на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ организираше средби со сите 10 грантисти.

Грантистите низ овие менторски среди добија можност да го потенцираат постигнатиот напредок, но и да посочат кон одредени предизвици со кои се соочиле во реализирање на активностите во проектот. На секое отворено прашање или предизвик во однос на спроведувањето на проектните активности тимот од програмата се обиде да даде повеќе насоки за соодветно постапување секогаш имајќи во предвид дека финално самите организации се тие што одлучуваат. Грантистите овие менторски средби ги искористија да соопштат колку се важни добиените средства за развојот на системите на управување во своите организации. Беше укажано дека овие грантови им овозможиле успешно да работат на сите отворени проблеми поврзани со нивната внатрешна структура на работа, а која ги засега или органите на управување или самите извршни канцеларии.

Слика 1. Менторска средба со Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ – корисник на грант за добро управување.
Слика 2. Менторска средба со Црвен крст на град Скопје – корисник на грант за добро управување.

Во наредниот период ќе се реализира уште еден циклус на вакви средби каде организациите ќе имаат можност да го предочат постигнатото но и да добијат дополнителни насоки за подобрување на внатрешните системи за работа. 

Субверзивен фронт и ХОПС за Глобалната недела на отчетност

Поддршката за унапредување на внатрешните структури на управување е од особено значење за Субверзивен Фронт / Subversive Front и Healthy Options Project Skopje како грантисти на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“. Тие континуирано се залагаат за усовршување на стандардите за транспарентно и отчетно работење, а резултатите се видливи пред се во делот на зголемена доверба кај нивните целни групи. Програма на МЦМС „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ финансирана од Европската Унија. Global Standard for CSO Accountability www.otcetnigo.mk

БЦСДН за Глобалната недела на отчетност

Проектниот партнер, БЦСДН го промовира концептoт на „динамична отчетност“. Покрај транспарентноста и отчетноста кон донаторите треба да бидеме вистински отчетни и кон луѓето кои се засегнати од нашата работа. Програма на МЦМС „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ Global Standard for CSO Accountability

АЛДА и Фокус за Глобалната недела на отчетност

АЛДА Скопје и Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ грантисти на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“, постојано прават напори транспарентноста и отчетноста да биде дел од сите аспекти на нивното работење. Програма на МЦМС „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ финансирана од Европската Унија.

МЦМС за Глобалната недела на отчетност

МЦМС се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на отчетност. Нашата работа е водена од луѓе од кои и со кои учиме и се развиваме, а градиме и силни партнерства со сите чинители. #BeAccountable#DynamicAccountability Програма на МЦМС, „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ финансирана од Европската Унија

Глобалната недела на отчетност

Од 12 до 16 ноември 2018г. ја одбележуваме Глобалната недела на отчетност. Запознајте се со 12те заложби од Глобалниот стандард за отчетност. Овие заложби имаат моќ да ги подобрат нашите организациски практики за отчетност и транспарентност. Можеме ли да направиме повеќе и подобро? Пишете ни кои се вашите практики на транспарентност и отчетност? Споделете и приклучите ни се! #BeAccountable#DynamicAccountability Програма на МЦМС, „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ финансирана од Европската Унија.

Организациите се запознаа со системите за квалитет во работењето

Многу ме радува што во Македонија постојат иницијативи и обуки кои го овозможуваат созревањето на граѓанските организации. Верувам дека само со добро структурирање ќе се овозможат хумани услови за општествен развој“, рече Вања Димитриевски од ХОПС за време на обуката за „Организациски развој и системи за обезбедување на квалитет“ која се одржа од 26 до 28 септември во Охрид.

Обуката им овозможи на 16 претставници на граѓанските организации да се запознаат со различните елементи на системите за обезбедување квалитет во работењето. Тие на интерактивен начин ги посочија најчестите дилеми со кои се соочуваат во нивното работење, а кои се однесуваат на транспарентноста, отчетноста и севкупниот организациски развој.

Сандра Соколенко, претставничката на Finance Think, рече дека е задоволна од пријатната атмосфера и начинот на предавање. „Материјалот ни беше пренесен на разбирлив начин со практични примери и токму тоа ќе ни овозможи да ги зајакнеме нашите организациски капацитети“, додаде таа.

Обучувачи беа Тина Дивјак, заменик-директор на Словенечката национална мрежа на граѓански организации (ЦНВОС), и Илина Нешиќ, директорка на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Со нивна помош, учесниците дознаа повеќе за системите за квалитет, а се запознаа и со Глобалниот стандард за отчетност на граѓански организации.

Оваа обука е дел од низата обуки кои ќе следат, а чија цел е подобрување на  спроведувањето на целиот систем на стандардите за добро управување на организациите.

Обуката се реализираше во рамките на програмата „Одржливо граѓанско општетсво – државно финансирање на ГО“ која ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансиски поддржана од Европската Унија.

Доделени 10 грантови за унапредување на внатрешните структури на управување

Се финализираше постапката за избор на 10 грантови во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање за граѓански организации“.

Добитници на грантовите се следните организации:

Активностите на организациите опфаќаат различни сегменти на добро управување како: воспоставување на систем на оцена за вработените, воспоставување на правилници за финансиско работење, набавки, правилник за алокација на средства од донации и економски активности, подобрување на водењето на човековите ресурси, систематизација на работни места, формирање на волонтерски центар, воспоставување на деловодници за работа на управните органи на организациите, воспоставување на одредби за транспарентност и отчетност и политики за спречување конфликт на интерес, и итн.

Доброто управување, отчетноста и транспарентноста бараат особена посветеност, планирање и инвестирање на одредени ресурси. За возврат, таквите граѓански организации се препознатливи, влијателни и успешно ја остваруваат својата мисија.

Грантистите ќе ги имплементираат проектите во период од 1 јули 2018 до 31 декември 2019 г. Во овој период тие ќе бидат вклучени и во останатите активности во рамки на програмата како: обуки на тема добро управување прилагодени на потребите на организациите, национални конференции, локални настани и слично.

Информативна сесија за грантови за транспарентно и отчетно работење на граѓанските организации

Повеќе од 60 претставници на граѓанските организации учествуваа на информативната сесија што беше организирана на 26 април 2018 година во просториите на МЦМС. Јасмина Чаушоска, грант менаџер на проектот детално ги презентираше документите – Упатството и Формуларот за аплицирање. Таа зборуваше за приоритетните области за пријавите и за подобните и неподобните трошоци.

Целта на  повикот е зајакнување на капацитети на граѓанските организации за транспарентно и отчетно работење. Затоа, во апликациите може да се планираат активности за адаптација на постоечки документи и правилници за добро управување, но и за подготвување нови; за  воведување системи за раководење со финансиски и сметководствени процедури;  за зајакнување на внатрешните политики за раководење со човечките ресурси, воспоставување системи за оценка на работните достигнувања, за стручни усовршувања; зајакнување на капацитетите на вработените согласно принципите за добро управување; работилници за подготовка на стратешки документи итн.

Прашањата поврзани со повикот може да се испратат на е-маил адресата: jch@mcms.mk,  најдоцна до 10 мај. На заинтересираните им се достапни и сите досега поставени прашања и одговори. Рокот за поднесување на апликацијата е 15 мај 2018 г. најдоцна до 17 часот.

Целокупниот износ на финансиски средства кој е на располагање во рамките на овој повик изнесува 75.000 евра. Минимален износ за кој може да се достави предлог-проект е 5.000 евра (307.500 МКД), додека максимален износ е 7.500 евра (461.250 МКД).

Преземете ги сите досега поставени прашања и одговори околу повикот за доделување на грантови.

Повикот е дел од програмата на МЦМС „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓанските организации“, што се спроведува во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) и Центарот за граѓански организации (ЦНВОС) од Словенија. Програмата е финансиски поддржана од Европската Унија.

Можете да се пријавите и на нашиот фејсбук настан