Алатка за транспарентни и отчетни граѓански организации!

Во период од 28 до 30 јануари во Охрид 7 претставници на мрежи на граѓански организации присуствуваа на работилница за подобрување на практиките на транспарентност и отчетност. Работилницата ја водеше Анабел Круз директор и основач на Институтот за комуникации и развој од Уругвај и претседавач со одборот на ЦИВИКУС: светската алијанса за граѓанско учество/ CIVICUS: World Alliance for Citizens Participation. Анабел Круз е долгогодишен експерт за граѓанско општество, отчетност и граѓанско учество со преку 30 години интернационално искуство. Таа има директно искуство со спроведувањето на Глобалниот стандард за отчетност .

На работилницата Анабел ни го пренесе искуството од саморегулација на граѓанското општество во земјите од Јужна Америка. А, со неа зборуваме за важноста на граѓанските платформи во развојот на граѓанското општество. Преку мрежите на граѓански организации може да се имплементираат различни механизми на саморегулација во секторот. Оваа работилница ги зајакна нашите капацитети за воспоставување на Мрежа за транспарентност и отчетност на граѓански организации бидејќи сега и најголемите мрежи дадоа свој придонес во реализирање на оваа иницијатива.  

Последната сесија беше посветена на тестирање на новата апликација за само-оценување на граѓански организации app.rendircuentas.org што на шпански значи Биди Отчетен. Rendir APP е алатка за само-оценување наменета за подобрување на отчетноста на граѓанските организации. Алатката преставува брз и лесен начин на само-оценување на организациите во однос на Глобалниот стандард на отчетност како и областите во кои треба да се подобрат.

Содржи 24 прашања поделени во три групи:

  • Што сакаме да направиме;
  • Нашиот пристап кон промени;
  • Нашето интерно работење.  

Апликацијата може да се пополнува на македонски јазик, а насоките и препораките се добиваат веднаш по одговарање на сите прашања. Преверете сами!