Доцнат реформите во системот на државно финансирање на граѓански организации на централно ниво

Иако од 2019 година се очекуваа позначајни поместувања во однос на воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации, кризата со пандемијата на ковид-19 влијаеше на поместување на овие планови. Средствата кои се доделуваат за граѓанските организации од централно ниво се уште стагнираат, а постапките за нивно распределување се недоволно транспаренти и отчетни.

Согласно податоците од Централниот регистар во Северна Македонија бројот на регистрирани граѓански здруженија изнесува 10.812. Завршна сметка за 2020 г. поднеле 4.712 граѓански здруженија, додека бројот на вработени лица во нив изнесувал 1677.

На централно ниво, средства за граѓанските организации доделуваат околу 11 министерства и агенции формирани од Владата во неколку важни сектори како култура, економија, социјална поддршка и развој, млади и спорт, земјоделство и итн. Освен во случајот на Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за култура, останатите министерства и агенции не бележат раст во висината на средствата и начинот како ги распределуваат тие средствата.

Во последните три години уделот на државно финансирање од централно ниво во вкупните приходи на граѓанските организации останува околу 5%. Видите повеќе на следниот инфографик: bit.ly/3mcT1nH

Она што е уште позначајно е што се уште изостанува институционална поддршка за развој на граѓанските организации како и поддршка за ко-финансирање кое треба да се обезбеди за проектите кои ги финансираат останатите донатори, а влијаат позитивно на граѓаните и локалните заедници. За жал, во Северна Македонија заложбите за промена на системот и воспоставување отчетни и транспаренти процеси за доделување средства се само декларативни. Иако, во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата во процесот на европската интеграција постојано се констатира дека граѓанскиот сектор игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси и во обезбедувањето контрола и урамнотеженост на моќта на државата. Но исто така, се констатира и дека финансиската помош за граѓанскиот сектор од страна на државата не е доволна за да ги задоволи потребите на граѓаните и истата не е придружена со јасни и транспарентни критериуми за избор на проекти за поддршка. Ваквата состојба преставува ограничувачки фактор за натамошниот развој на граѓанскиот сектор и ги прави граѓанските организации и понатаму да зависат исклучиво од странските донатори.

На позитивната страна, оваа година се формираше работна група за реформа на системот за државно финансирање. Во оваа работна група ќе учествуваат и претставници на граѓанските организации и се очекува во периодот на спроведување на новата Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2022-2025) да се постигнат клучните реформи во овој систем.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.