Креирана критична маса на граѓански организации за зајакнување на транспарентноста и отчетноста

Во период од 2018 до 2021 година во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на граѓански организации“ се реализираа вкупно три вида на финансиска поддршка за граѓанските организации, и тоа:

  • Грантови за унапредување на внатрешните структури на управување (10);
  • Грантови за транспарентност (14);
  • Грантови за мрежи на граѓански организации за зајакнување и саморегулација (5).

Се доделија 29 грантови со вкупна вредност од 9.041.487 денари (147.016 евра). Види повеќе на следниот инфографик: bit.ly/2W1C9XL  Со овие грантови се овозможи поддршка на граѓанските организации за нивно институционално јакнење. Затоа грантовите во оваа програма се особено значајни и допринесуваат за долгорочното внатрешно јакнење на граѓанските организации. Реализацијата на овие грантови е директна инвестиција за развој на демократијата во Северна Македонија и поддршка за заштита на човековите права и слободи. Оваа инвестиција во граѓанските организации се очекува да биде вратена преку нивното вклучување во креирање на развојни квалитетни политики и поголемо граѓанско вклучување. Имено, со грантовите се поддржаа организации кои континуирано влијаат на демократскиот развој и човековите права во областите на економски и одржлив развој, маргинализирани групи, анти-дискриминација, млади, медиуми, социјална заштита и итн.

Сите грантови се доделија преку неколку јавно објавени повици за грантови на кои се доставија вкупно 194 проектни апликации. А, доделените 29 грантови ги покриваат сите плански региони во Северна Македонија.

Во текот на имплементацијата, организациите работеа на подобрување на внатрешните структури на управување согласно принципите на добро владеење во насока на регулирање на транспарентноста, отчетноста, партиципативниот и демократскиот начин на донесување одлуки во својата работата. Дополнително, се унапредија практиките за транспарентно известување на организациските проекти и мобилизирани средства, а се зајакнаа и капацитетите за јасна и отворена комуникација со сите засегнати страни и особено со граѓаните. Организациите покажаа дека колку подобро се раководат одвнатре толку поголемо влијание ќе може да имаат кон надвор за политиките кои ги застапуваат на локално и национално ниво. Видете повеќе за реализираните продукти од овие грантови на следниот: bit.ly/2XRMhDj

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.