Организациите се запознаа со системите за квалитет во работењето

Многу ме радува што во Македонија постојат иницијативи и обуки кои го овозможуваат созревањето на граѓанските организации. Верувам дека само со добро структурирање ќе се овозможат хумани услови за општествен развој“, рече Вања Димитриевски од ХОПС за време на обуката за „Организациски развој и системи за обезбедување на квалитет“ која се одржа од 26 до 28 септември во Охрид.

Обуката им овозможи на 16 претставници на граѓанските организации да се запознаат со различните елементи на системите за обезбедување квалитет во работењето. Тие на интерактивен начин ги посочија најчестите дилеми со кои се соочуваат во нивното работење, а кои се однесуваат на транспарентноста, отчетноста и севкупниот организациски развој.

Сандра Соколенко, претставничката на Finance Think, рече дека е задоволна од пријатната атмосфера и начинот на предавање. „Материјалот ни беше пренесен на разбирлив начин со практични примери и токму тоа ќе ни овозможи да ги зајакнеме нашите организациски капацитети“, додаде таа.

Обучувачи беа Тина Дивјак, заменик-директор на Словенечката национална мрежа на граѓански организации (ЦНВОС), и Илина Нешиќ, директорка на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН). Со нивна помош, учесниците дознаа повеќе за системите за квалитет, а се запознаа и со Глобалниот стандард за отчетност на граѓански организации.

Оваа обука е дел од низата обуки кои ќе следат, а чија цел е подобрување на  спроведувањето на целиот систем на стандардите за добро управување на организациите.

Обуката се реализираше во рамките на програмата „Одржливо граѓанско општетсво – државно финансирање на ГО“ која ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансиски поддржана од Европската Унија.