Повик за учество на обука

Обуката за управување со ризик во граѓанските организации која се спроведува по втор пат има за цел да допринесе кон зајакнување на капацитетите на граѓанските организации за предвидување и управување со ризиците (надворешни и внатрешни). Оваа обука се фокусира на воспоставување и практикување на функционален систем на управување со ризик во организациите и тоа:

  • што се подразбира под управување со ризик и зошто е важен за граѓанските организации;
  • како може граѓанските организации да воспостават систем на управување со ризик и кои се бенефитите;
  • категории на ризик;
  • воспоставување на матрица на ризици;
  • анализа на ризици и нивно ублажување.

Поради настанатата ситуација со Ковид-19, методологијата на работа ќе биде организирана во живо на ЗООМ сесии со цел да се запази интерактивното вклучување на учесниците за успешно завршување на обуката. Учесниците за усвојување на оваа материја ќе имаат можност да вежбаат низ практични примери со задавање на задачи низ работа во групи.

За оваа обука ќе се селектираат 15 претставници од граѓанските организации во земјата. Обуката ќе се реализира на 18, 23, и 26 ноември 2020г. Точното време ќе биде дополнително соопштено со селекти раните учесници. Учесниците ќе треба да се вклучат на групни ЗООМ состаноци во живо затоа ќе  биде неопходно учесниците да имаат пристап до интернет и компјутер.

Обуката ќе ја води Вероника Водлан, консултант за проекти во ЦНВОС – национална мрежа на граѓански организации во Словенија. Таа има големо искуство во граѓанскиот сектор и повеќе од 15 години искуство во управување со  програми и градење на капацитетите на организациите во Словенија и регионот. Вероника е дел од низа меѓународни иницијативи и програми, а од 2009 до 2014 беше офицер за грантови за НВО програмата на ЕЕА и Норвешка.

Обуката ќе биде спроведена на англиски јазик.

Учеството на обуката е целосно покриено од МЦМС. Селектираните учесници дополнително ќе бидат информирани за сите детали во врска со обуката (агенда, задачи и потврди за учество).

Пријава за обуката и рок за пријавување

Сите заинтересирани кои сакаат да земат учество на оваа обука треба да ја пополнат пријавата најдоцна до 16 ноември (понеделник) 2020 година.

Напомена: Доколку се имате претходно пријавено за оваа обука  која еднаш веќе се спроведе во месец јуни и сакате да ја земеме во превид истата пријава ве молиме информирајте не на емаил на fiv@mcms.mk.

 ПРИЈАВА ЗА ОБУКА

Селекција на учесници

Сите пристигнати пријави ќе бидат разгледани од тимот на МЦМС, а лицата кои имаат подолго работно искуство во граѓанските организации ќе имаат предност.

Дополнителни информации

Заинтересираните кои имаат било какви прашања во врска со обуката може да се обратат на емаил: fiv@mcms.mk најдоцна до 16 ноември 2020 година.

Програмата „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓански организации“ имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) која се спроведува во соработка со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансирана од Европската Унија.