Грантовите за транспарентност одлична можност за организациско зајакнување

Неколкумина претставници на граѓански организации, на 10 март 2020 година ги раскажаа своите искуствата од спроведувањето на грантовите за транспарентност  што ги додели МЦМС во текот на 2019 година.

За Благица Петрески од „Фајнанс тинк“, ваквата поддршка е одлична можност да се работи на внатрешни, организациски прашања. „Ние, граѓанските организации, во работата, често се водиме од повиците на донаторите, а не директно од целите кои сме си ги зацртале. Овој грант ни помогна да поставиме индикатори за секоја од целите,“ рече таа. Петрески потенцираше дека нејзината организација продуцира анализи кои се наменети за корекција на политиките, но не секогаш знаат колку тие анализи навистина имаат влијание на политиките. „Направивме анкети и интервјуа и сега имаме алатка која ни помага да видиме кои анализи имаат влијание, а кај кои е потребно да се прават подобрувања“.

И за Анита Николовска од „Младите можат“ овој грант е одлична можност да се работи на организациски прашања. „Успеавме да подготвиме Стратегија за комуникации и Стратегија за алтернативно финансирање, а потоа и да ги зајакнеме внатрешните капацитети за овие стратешки прашања“, рече Николовска.

Покрај нив, за своите искуства зборуваа и Илија Станковски од ЛЕАД, Инес Амет од Лулуди и Убавка Јаневска од Фокус од Велес.

Овие искуства ќе им послужат на организациите кои се заинтересирани да поднесат пријави за новиот повик за грантови за транспарентност објавен на 26 февруари 2020 година. Повеќе информации за самиот повик беа презентирани во вториот дел на настанот кој всушност беше инфо сесија за него. Рокот за доставување на пријавите е 31 март 2020 година.  

Преземете ги прашањата и одговорите кои беа дискутирани на инфосесијата и оние кои беа доставени по електронски пат.

Настанот е дел од програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ која ја спроведува МЦМС во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а е финансирана од Европската Унија.