Тестирање на online алатката за само-оценување Rendir App

Дванаесет претставници на граѓански организации беа дел од на работилницата за презентирање и тестирање на он-лине алатката за само-оценување Rendir App (Биди отчетен). Работилницата се одржа на 17 октомври 2020 г. во Градскиот парк како дел од Цивика мобилитас фестивалот: „Ден на граѓанските организации“.

МЦМС во партнерство со БЦСДН овозможи алатката  Rendir App да биде преведена на македонски јазик и биде лесно достапна за граѓанските организации. Оваа алатка на лесен и брз начин овозможува организациите да се оценат во однос на 12-те заложби на Глобалниот стандард за отчетност и веднаш да добијат препораки за областите каде е потребно подобрување.

Граѓанските организации се запознаа со можностите и бенефитите кои ги нуди оваа алатка и ја направија својата прва само-оценка. Потоа, тие со тимот на програмата „Одржливо граѓанско општество-државно финансирање на граѓански организации“ ги споделија своите мислења за корисноста на оваа алатка и начините за нејзина примена во македонскиот контекст.

Се констатираше дека независно од големината и формата на здруженијата, алатката Rendir App дава слика за работата на организациите во однос на тоа што тие сакаат да постигнат и кој е нивниот пристап кон промените. Па така и организација која е на волонтерска основа и која работи во одреден специфичен сектор може да добие препораки за подобрување. Таков беше случајот со Доброволното противпожарно здружение Св. Николе каде се отвори дебата родовата нееднаквост во службата и потребата повеќе жени да бидат застапени и мотивирани да се вклучат во организацијата. Алатката овозможува повеќекратно само-оценување, индивидуално и групно, со што се овозможува проверка на работењето и пристапите кои се користат во работата согласно потребите на организациите.

Застапуваме за транспарентни и отчетни граѓански организации.