Достапни се одговорите на прашањата од инфо-сесиите за грантови

Повеќе од 80 претставници на граѓанските организации учествуваа на трите информативни сесии за грантовите за транспарентност кои што беа организирани во Скопје, Битола и Штип. Тие поставија повеќе од 30 прашања во врска со процесот на аплицирање и со спроведувањето на проектот, а тимот на Македонскиот центар за меѓународна соработка ги одговори електронски и тие се достапни за сите заинтересирани.

Јасмина Чаушоска, грант менаџер на проектот детално ги презентираше упатството и формуларот за аплицирање. Таа зборуваше за приоритетните области за пријавите и за подобните и неподобните трошоци. Заинтересираните граѓански организации можат да постават прашања поврзани со повикот најдоцна до 18 февруари на е-маил адресата: jch@mcms.mk.

Рокот за поднесување на апликацијата е 25 февруари 2019 г. најдоцна до 17 часот.

Преку овој тип на поддршка се очекува да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за нивно транспарентно работење. Планираните средства за распределба во рамките на повикот изнесуваат 28.000 евра (1.722.000 МКД). МЦМС ќе додели најмалку седум грантови во износ до 4.000 евра (246.000 МКД) по грант. Организациите кои ќе поднесат предлог-проект треба да обезбедат кофинансирање.

МЦМС ќе објави уште еден повик за грантови за транспарентно работење на граѓанските организации во текот на следната година.
Повикот е дел од програмата на МЦМС „Одржливо граѓанско општество: државно финансирање на граѓанските организации“, што се спроведува во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) и Центарот за граѓански организации (ЦНВОС) од Словенија. Програмата е финансиски поддржана од Европската Унија.

Инфо сесија за повикот ДФГ