Доцнат реформите во системот на државно финансирање на граѓански организации на централно ниво

Иако од 2019 година се очекуваа позначајни поместувања во однос на воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации, кризата со пандемијата на ковид-19 влијаеше на поместување на овие планови. Средствата кои се доделуваат за граѓанските организации од централно ниво се уште стагнираат, а постапките за нивно распределување се недоволно транспаренти и отчетни.

Согласно податоците од Централниот регистар во Северна Македонија бројот на регистрирани граѓански здруженија изнесува 10.812. Завршна сметка за 2020 г. поднеле 4.712 граѓански здруженија, додека бројот на вработени лица во нив изнесувал 1677.

На централно ниво, средства за граѓанските организации доделуваат околу 11 министерства и агенции формирани од Владата во неколку важни сектори како култура, економија, социјална поддршка и развој, млади и спорт, земјоделство и итн. Освен во случајот на Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за култура, останатите министерства и агенции не бележат раст во висината на средствата и начинот како ги распределуваат тие средствата.

Во последните три години уделот на државно финансирање од централно ниво во вкупните приходи на граѓанските организации останува околу 5%. Видите повеќе на следниот инфографик: bit.ly/3mcT1nH

Она што е уште позначајно е што се уште изостанува институционална поддршка за развој на граѓанските организации како и поддршка за ко-финансирање кое треба да се обезбеди за проектите кои ги финансираат останатите донатори, а влијаат позитивно на граѓаните и локалните заедници. За жал, во Северна Македонија заложбите за промена на системот и воспоставување отчетни и транспаренти процеси за доделување средства се само декларативни. Иако, во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата во процесот на европската интеграција постојано се констатира дека граѓанскиот сектор игра конструктивна улога во поддржувањето на демократските процеси и во обезбедувањето контрола и урамнотеженост на моќта на државата. Но исто така, се констатира и дека финансиската помош за граѓанскиот сектор од страна на државата не е доволна за да ги задоволи потребите на граѓаните и истата не е придружена со јасни и транспарентни критериуми за избор на проекти за поддршка. Ваквата состојба преставува ограничувачки фактор за натамошниот развој на граѓанскиот сектор и ги прави граѓанските организации и понатаму да зависат исклучиво од странските донатори.

На позитивната страна, оваа година се формираше работна група за реформа на системот за државно финансирање. Во оваа работна група ќе учествуваат и претставници на граѓанските организации и се очекува во периодот на спроведување на новата Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2022-2025) да се постигнат клучните реформи во овој систем.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.

Овозможивме јакнење на капацитетите во неколку клучни области

Во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ се спроведоа низа на активности за таргетирано градење на капацитетите на организациите. Се реализираа пет обуки и 26 менторски сесии, а се подготвија и неколку алатки кои организациите можат да ги користат во секое време и за различни потреби со цел подобрување на организацискиот развој и унапредување на внатрешните процеси на работа.

Во период од 2018 до 2020 година се реализираа пет обуки. Најпрво се започна со обука за организациите кои добија ре-грантови, а кои имаа можност пред почетокот на нивното имплементирање да добијат насоки за организациски развој и алатки за воспоставување квалитет во организациските процеси. Потоа се организираа отворени повици за уште четири обуки за сите заинтересирани организации кои сакаа да научат повеќе за финансиско управување и финансиска транспарентност лидерски вештини и техники и обука управување со ризик во граѓански организации. Вкупно 98 претставници од граѓанските организации  – 46 мажи и 52 жени учествуваа на овие обуки. Во сите обуки карактеристично беше давањето на простор за работа на конкретни ситуации од секојдневните предизвици со кои се соочуваат организациите во нивното работење. Особена заинтересираност се имавме за обуката за управување со ризици, која заради актуелната пандемија се спроведе он-лине на интерактивен начин преки давање на индивидуални и групни задачи за реализирање.

Дополнително, за да се овозможи поголема дисеминација се подготвија низа на алатки кои нудат различни можности за организациите кои сакаат да го унапредат своето работење и воспостават поголема транспарентност и отчетност.

Една од овие алатка се „Насоките за ефикасно управување и раководење во граѓанските организации“.  Имено, со насоките се опфаќаат најчувствителните прашања во однос на следењето на принципите на добро управување кои произлегоа од следењето на работата на грантистите како што се: организациската структура и јасното издвојување на органите на организациите, судирот на интерес, управувањето со човечките ресурси, соодветното набљудување и оценка, како и одговорното финансиско работење. Не секогаш организациите можат лесно и навремено да дојдат до одговори на прашањата кои се важни за подобрување на управувањето и раководењето. Токму затоа насоките имаат за цел да придонесат да се изгради капацитетот за отчетност и транспарентност на поширок круг граѓански организации.

Потоа ја преведовме алатката „Rendir App“ – (во превод) „Биди отчетен“ на македонски јазик. Оваа алатка е едноставен начин на само-оценување во однос на Глобалниот стандард за отчетност на граѓански организации. „Rendir App“ има 24 прашања поврзани со 12-те заложби на Глобалниот стандард и нуди препораки за подобрување.

Заради пандемијата со Ковид-19 менторските сесии ги реализиравме он-лине  со што на поефективен начин овозможиме менторство за повеќе заинтересирани организации, а не само на грантистите.  Се реализираа 191 препораки во областите: подготовка на наративни и финансиски извештаи, прашања од областа на работните односи и раководење со човечки ресурси, прашања од областа на финансиско управување и итн.

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.

Креирана критична маса на граѓански организации за зајакнување на транспарентноста и отчетноста

Во период од 2018 до 2021 година во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на граѓански организации“ се реализираа вкупно три вида на финансиска поддршка за граѓанските организации, и тоа:

  • Грантови за унапредување на внатрешните структури на управување (10);
  • Грантови за транспарентност (14);
  • Грантови за мрежи на граѓански организации за зајакнување и саморегулација (5).

Се доделија 29 грантови со вкупна вредност од 9.041.487 денари (147.016 евра). Види повеќе на следниот инфографик: bit.ly/2W1C9XL  Со овие грантови се овозможи поддршка на граѓанските организации за нивно институционално јакнење. Затоа грантовите во оваа програма се особено значајни и допринесуваат за долгорочното внатрешно јакнење на граѓанските организации. Реализацијата на овие грантови е директна инвестиција за развој на демократијата во Северна Македонија и поддршка за заштита на човековите права и слободи. Оваа инвестиција во граѓанските организации се очекува да биде вратена преку нивното вклучување во креирање на развојни квалитетни политики и поголемо граѓанско вклучување. Имено, со грантовите се поддржаа организации кои континуирано влијаат на демократскиот развој и човековите права во областите на економски и одржлив развој, маргинализирани групи, анти-дискриминација, млади, медиуми, социјална заштита и итн.

Сите грантови се доделија преку неколку јавно објавени повици за грантови на кои се доставија вкупно 194 проектни апликации. А, доделените 29 грантови ги покриваат сите плански региони во Северна Македонија.

Во текот на имплементацијата, организациите работеа на подобрување на внатрешните структури на управување согласно принципите на добро владеење во насока на регулирање на транспарентноста, отчетноста, партиципативниот и демократскиот начин на донесување одлуки во својата работата. Дополнително, се унапредија практиките за транспарентно известување на организациските проекти и мобилизирани средства, а се зајакнаа и капацитетите за јасна и отворена комуникација со сите засегнати страни и особено со граѓаните. Организациите покажаа дека колку подобро се раководат одвнатре толку поголемо влијание ќе може да имаат кон надвор за политиките кои ги застапуваат на локално и национално ниво. Видете повеќе за реализираните продукти од овие грантови на следниот: bit.ly/2XRMhDj

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка  со донаторската заедница и во иднина ќе реализира програми кои ќе ги јакнат внатрешните капацитети на организациите за транспарентно и отчетно работење. Оваа програма ја спроведува МЦМС заедно со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, финансирана од Европската Унија.

Регионални и глобални размислувања за отчетноста на граѓанските организации на Балканот

Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН), на 1 јули 2021 година, одржа регионална работилница за отчетност на граѓански организации (ГО), насловена: „Размислувања за саморегулацијата на граѓанското општество преку споделување на регионални и глобални искуства“. Настанот го следеа повеќе од 60 претставници на ГО од Балканот и целиот свет, кои виртуелно дискутираа и споделија примери на практики за отчетност на ГО и механизми за самооценување. Работилницата имаше за цел да ја подигне свеста кај ГО во регионот за клучните принципи, можности и предизвици што треба да ги земат предвид при развивање и спроведување на механизмите за саморегулација кои ќе придонесат кон зголемување на нивната ефективност, одговорност и кредибилитет.

Билјана Спасовска, извршна директорка на БЦСДН, ја отвори работилницата со претставување на досегашната работа на мрежата во однос на механизмите за саморегулација и отчетноста на ГО и ги покани учесниците да се вклучат во понатамошната дискусија и да ги споделат нивните искуства кои можат да придонесат кон подобрување на транспарентноста и отчетноста на ГО во иднина.

Потсетувајќи се на искуството за „Глобален стандард“ и „Accountable Now“, Илина Нешиќ, привремена извршена директорка на „Accountable Now, сподели позитивни примери на практики за саморегулација од целиот свет, посочувајќи како овие процеси влијаат на отчената работата на ГО. Во својата презентација таа се осврна на важноста на механизмите за саморегулација и пошироката дискусија за ефективноста и отпорноста на граѓанското општество, земајќи ги предвид заедничките предизвици како што се намалување на граѓанскиот простор, недостатокот од доверба во граѓанското општество, политизирањето на човековите права и невладините организации, злоупотребата на моќ, и моменталната ковид криза.

Тања Хафнер Адеми, тим лидерот на проектот ЕУ ТАКСО 3, во своето излагање  посочи дека напорите за зголемување на отчетноста, саморегулацијата и транспарентноста на ГО се опфатени и со Насоките за поддршка од ЕУ за граѓанското општество 2021-2027. Таа, исто така објасни дека со документот се опфатени новите случувања во Глобалниот стандард, како и потребата од отпорно граѓанско општество со силни капацитети. Во однос на напорите на ТАКСО да ја зајакне отчетноста на граѓанското општество во регионот, Хафнер- Адеми се осврна на досега спроведените обуки како и нивната посветеност да продолжат да го поддржуваат развојот на капацитетите на ГО и во иднина.

Вториот дел од работилницата беше посветен на успешните прикази за креирање и институционализирање на механизми за саморегулација во Албанија и Северна Македонија. Исто така, беа споделени и практични примери за тоа како механизмите за саморегулација можат да придонесат за подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои ги даваат ГО.

Ариола Аголи, раководителка на Националниот ресурсен центар  во Партнерс Албанија, со учесниците го сподели искуството кое го стекнале при подготовката на Етичкиот кодекс на Албанските ГО. Во своето излагање, осврнувајќи се на партиципативниот процес при подготовка на кодексот, таа опфати повеќе прашања поврзани со принципите и обврските, структурата за спроведување, промовирањето на иницијативата,  како и предизвиците и научените лекции. Некои од главните предизвици со кои се соочиле беа различните заложби на ГО, недостатокот на човечки ресурси и познавање на алатките за самооценување, ковид кризата итн.

Александра Савевска, координаторка на програмата Одржливо граѓанско општество- државно финансирање на ГО во МЦМС, даде преглед на тоа како се одвиваа случувањата во врска со механизмот за саморегулација на ГО во Северна Македонија. Дискутирајќи за потребата од негување на култура на отчетност при креирањето на етичкиот кодекс за Македонските ГО, Савевска потенцираше дека отчетноста континуирано се развива и претставува постојан процес на учење преку кој граѓанското општество ќе успее поефикасно да ги постигне своите цели и мисија. Таа, исто така, разговараше и за предизвиците и за начините како да се продолжи понатаму, фокусирајќи се на комплементарноста со другите иницијативи, постепеното спроведување и потребата од постојано подобрување и ревидирање.

Како последен говорник на работилницата, Марија Маринаку, проектен тим лидер во Ептиса,  се осврна на тоа како механизмите за само-оценка можат да придонесат кон подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои ги обезбедуваат ГО. Покрај глобалните димензии во однос на механизмите за само-оценка, Маринаку се фокусираше и на македонскиот процес, како и синергијата, конвергенцијата и комплементарноста на овие два процеси. Таа особено истакна дека покрај тоа што отчетноста на ГО е тесно поврзана и со определени законски обврски за известување кои доаѓаат од надворешни чинител, таа исто така е поврзана и со потребата од демонстрирање на отчетност спрема поединците, особено кога конституентите на ГО се членови на маргинализирани групи на заедници.

Целосното видео од работилницата можете да ги проследите тука.

Регионална работилница за отчетност на граѓанските организации

Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) организира регионална работилница за отчетност на граѓанските организации: „Размислувања за саморегулација на граѓанското општество со споделување на регионални и меѓународни искуства“ која ќе се одржи он-лине на 1 јули 2021 година, од 14:00 до 15:45 часот.

Целта на работилницата е да се подигне свеста кај граѓанските организации од регионот за клучните принципи, можности и предизвици што треба да ги земат предвид при развивање и/или спроведување на механизми за саморегулација за да бидат поефективни, отчетни и кредибилни. Работилницата ќе обезбеди можност за размена на знаења и искуства за напорите и механизмите за саморегулација на граѓанското општество.

Работилницата ќе ја отвори Илина Нешиќ, привремен извршен директор на Accountable Now, Секретаријатот на глобалниот стандард за отчетност на граѓанските организации за споделување на позитивни примери од целиот свет за механизмите за саморегулација. За да се ​​нагласи важноста за подобрување на отчетноста на граѓанското општество во регионот наспроти процесот на ЕУ интеграција, Тања Хафнер Адеми, водач на тимот на ТАКСО 3 ќе зборува за изготвувањето и практичното спроведување на „Упатствата за ЕУ Поддршка на граѓанското општество во регионот за проширување, 2021-2027 година“ и нивните сопствени активности во насока на поддршка на напорите на граѓанското општество за подобрување на отчетноста.

Вториот дел од работилницата ќе биде посветен на споделување приказни од Албанија и Северна Македонија за процесот на развој и имплементација на механизмите во соодветните земји, како и практични примери за тоа како механизмите за саморегулација можат да придонесат за подобрување на квалитетот на социјалните услуги кои ги обезбедуваат граѓанските организации.

  • Деталниот дневен ред е достапен на следниот линк: bit.ly/3vPDj4s
  • За да учествувате на работилницата, претходно регистрирајте се тука. Откако ќе се регистрирате, ќе добиете потврда со информации за присуство на настанот.
  • Работилницата е организирана на англиски јазик, а ќе се обезбеди превод на македонски и албански јазик.

Оваа активност е дел од третата фаза на проширување на проектот Глобален стандард: „Кон зајакната практика на отчетност на Западен Балкан“. Настанот е организиран во партнерство со членовите на БЦСДН, Партнери Албанија за промени и развој и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), како дел од програмата финансирана од ЕУ „Одржливо граѓанско општество – Државно финансирање на граѓански организации“.

Кодекс за граѓански организации: искуството од соседна Албанија

Неформалната платформа за транспарентност и отчетност, која е составена од 30 организации, на 20 маj 2021 г., одржа состанок со членките на кој ги сумираше забелешките и коментарите за првиот нацрт на Кодексот на граѓански организации. Покрај тоа, беа споделени искуствата на граѓанските организации од Албанија преку организацијата Партнерс Албанија кои исто така се во процес на подготовка на сличен Кодекс за граѓански организации.

Ариола Аголи, Програмски директор на Граѓанскиот ресурсен центар на Партнерс Албанија, во нејзината презентација, се осврна на најважните елементи од подготовката на Кодексот за стандарди за непрофитни организации во Албанија опфаќајќи ги следните елементи: процесот на подготовка на Кодексот  (усогласување со меѓународните стандарди, одржани консултации и слично) и механизмите за имплементација и неговата промоција меѓу сите засегнати страни. Аголи истакна дека Кодексот во Албанија е базиран на искуството со спроведувањето на Глобалниот стандард за отчетност како дел од Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) и прилагоден на динамиката на граѓанскиот сектор во Албанија. Во текот на јули 2021 г., Партнерс Албанија ќе ја финализира оваа алатка и ќе подготви прашалник за самооценка за организациите кои ќе сакаат да ја користат.

На оваа сесија се дискутираа и научените лекции на двете страни (македонската и албанската) за да се види практично искуство во подготовката на Кодексите за граѓанските организации. Ваквите средби овозможуваат да се зајакне соработката за идни заеднички активности поврзани со промоција на различните алатки за саморегулацијата во граѓанскиот сектор во двете земји. Платформата и во иднина ќе ја зајакнува културата на учење и градење на односи и демонстрација на практичните придобивки од споделувањето можности за развој на граѓанскиот сектор и неговата транспарентност и отчетност.Забелешките ќе помогнат да се зајакне Кодексот од вредносен аспект. Во следната фаза ќе се работи на подобрување на текстот и спроведување на дадените забелешки и коментари.

Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“ која е финансирана од Европската Унија.

 

Пет успешни приказни за подобрената отчетност на мрежите на граѓански организации

На 30 март 2021 година, на посебен настан беа презентирани резултатите на пет македонски мрежи на граѓански организации, кои, благодарение на поддршката од програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на граѓански организации“ ги зајакнаа своите капацитети за транспарентно и отчетно работење. Македонските мрежи на граѓански организации ги креираа или ревидира своите стратешки документи и системи за внатрешно управување; ги воспоставија или надградија организациските структури; го подобрија партиципативното и демократско ноење одлуки итн. Вкупниот реализиран буџет беше околу 21.000 евра.

„Овој проект беше одлична можност да се застане и да се размисли за внатрешно зајакнување бидејќи, најчесто граѓанската иницијатива  делува пред избори или други важни настани, така што еден добар период, ние и нашите членки можевме да се занимаваме со нашето внатрешно работење и да го подобриме начинот на кој работиме и комуницираме со граѓаните“, рече  Мухамед Ајваз, координатор на проектот во Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико. И за Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција овој проект е институционална поддршка за организацијата, „а поддршката од овој тип за организациите во земјата е многу мала и затоа овој грант е од голема важност за понатамошниот развој на коалицијата“, рече таа.

Извршните директори на МЦМС и БЦСДН се осврнаа на заложбите за креирање на поволни услови за отворени, отчетни и транспарентни организации. Александар Кржаловски од МЦМС зборуваше за состојбата на граѓанските организации во земјата и потребата за одговорно и транспарентно работење на организациите. Со споделување на неколку позитивни примери, Билјана Спасовска од БЦСДН, укажа на потребата за трајно инвестирање во одговорни практики на мрежите. Таа исто така потенцираше дека членството и ангажманот на БЦСДН во глобалните платформи, како што се Глобалниот стандард за отчетност на граѓанските организации, Партнерството на граѓанските организации за ефикасност на развојот (CPDE) и АГНА (CIVICUS) придонеле за одговорноста во работењето.

Грантистите ги презентираа постигнатите резултати. Јована Јовановска Кануркова, од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата (НМХТ) / Хелсиншки комитет за човекови права го претстави проектот Зајакнато вмрежување за засилено движење ЛГБТИ; Лилјана Јоноски, од Рурална коалиција, дискутираше за проектот Преку регулирана транспарентност и отчетност до партиципативна и одржлива рурална коалиција; Мухамед Ајваз, од Институтот за истражување и анализа на политиките – Ромалитико и граѓанско движење АВАЈА, ги истакна резултатите од проектот Транспарентно и етичко граѓанско движење „Аваја“; Филип Стојановски од Центар за климатски промени и мрежата на Вклучи се, за здрава животна средина! го претстави проектот Градење на капацитетите на неформалната мрежа „Вклучи се!“, а Зоран Илиески, од Коалицијата на младински организации СЕГА зборуваше за резултатите од проектот за јакнење на транспарентноста и отчетноста на коалицијата на младински организации СЕГА.

Ковид-19 беше неизбежна тема, па во дискусијата, учесниците се осврнаа на тоа како пандемијата влијаеше на нивната работа. Иако ги затекна организациите на почеток на спроведувањето на проектите, пандемијата не го спречи воспоставувањето нови практики на комуникација со засегнатите страни и креирање на нови услуги кон крајните корисници. Сите пет грантисти се обврзаа да останат отчетни пред луѓето со кои работат на долг рок.

Програмата е финансирана од Европската Унија, а ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со BCSDN и Центарот за информации, поддршка и развој на невладини организации (CNVOS) од Словенија

Погледнете го целиот настан тука.

Кодексот ќе ги подобри граѓанските организации и ќе ја зголеми довербата во нив

Неформалната платформа за транспарентност и отчетност, која е составена од 30 организации, на 10 март 2021 г., одржа работилница за подготовка на Кодекс на граѓански организации. Подобрување на внатрешното работење, наметнување добар стандард во секторот и поттик за постојано подобрување на организациите што ќе доведе до зголемување на довербата на граѓаните и донаторите во граѓанските организации се клучните придобивки за организациите од воспоставувањето и прифаќањето на Кодексот.

Мариа Маринкау, лидер на тимот од проектот „Модернизација и деинституционализација на социјалните услуги“ ја потенцираше важноста на квалитетот на услугите при давањето социјални услуги. Според неа, државните институции веќе ги препознаваат граѓанските организации како даватели на услуги. Покрај тоа, организациите во голема мера им даваат поддршка на групи граѓани и работат на заштита на нивните права и слободи. Затоа, особено е важно е идниот Кодекс да се фокусира на крајните корисници. Маринкау презентираше три модели за квалитет во давањето на социјални услуги кои се применуваат во Европската Унија.

Учесниците во групи, дискутираа за содржината на идниот документ за регулирање на отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации во Македонија. Прашањата за кои се разговараше се однесуваа на областите (под-областите) од организацискиот развој кои би требало да бидат опфатени со Кодексот за да се подобри отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации. Како особено важни, беа истакнати: финансиската транспарентност, ефикасното известување на постигнатите резултати и јасната и отворена комуникација со сите засегнати страни. Покрај тоа, претставниците на граѓанските организации зборуваа и за тоа кој и како ќе го одржува, развива и промовира Кодексот; кои ќе бидат контролните механизми; како ќе се воспостават итн. Тие се согласија дека при подготовката треба да се имаат предвид меѓународните пракси за саморегулација на секторот но, да се внимава да бидат соодветни за нашиот контекст.

Учесниците сметаат дека Кодексот е одлична можност, појдовна точка за граѓанските организации да го промовираат своето добро внатрешно работење и сервисите со кои тие располагаат. Документот не треба да биде декларативен, напротив, организациите треба да го применуваат, ревидираат и надополнуваат. Најбитно е, организациите (без разлика на нивното искуство и големина) да се залагаат за исполнување на принципите на етичкиот кодекс.

Во следната фаза ќе биде промовиран првиот нацрт на Кодексот.

Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“ која е финансирана од Европската Унија.

Како здруженијата кои меѓу првите одговорија на пандемијата, станаа први на листата за кратење на буџетот

Македонскиот центар за меѓународна соработка ја подготви и објави анализата: Финансирање на граѓанските организации во време на Ковид-19: случај на доделување средства од Владата во 2020 година која, се осврнува на критичните точки од постапката за доделување на средствата за граѓански организации од страна на Генералниот секретаријат при Владата на РСМ. Разгледувајќи го овој најнов случај на државно финансирање, уште еднаш се потенцираат основните принципи кои властите треба да ги следат во оваа област.

Авторките на анализата констатираат дека и покрај очекувањата, во 2020 година не се случија поместувања во однос на воспоставувањето нов модел за државно финансирање на граѓанските организации. Властите беа окупирани со кризата предизвикана од Ковид-19, па ова прашање беше оставено на маргините.

Иако граѓанските организации беа меѓу првите кои започнаа активности за надминување на кризата предизвикана од Ковид-19, за жал, тие беа први и на листата на Владата за кратење на годишниот буџет наменет за нивни проекти. Без никакви консултации, Владата на 9 април 2020 година одлучи да скрати вкупно 32.500.000 денари или околу 525.000 евра кои редовно се доделуваат на граѓанските организации. Ова предизвика реакција кај граѓанските организации кои преку Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор побараа враќање на средствата кои преку повици ќе бидат доделени и наменети за справување со пандемијата.

По реакциите, Владата, на 5 јуни 2020 година објави повик за предлог-проекти на граѓански организации кои ќе бидат наменети за справување со кризата од Ковид-19. Вкупниот износ наменет за овие проект беше 30.000.000 денари.

Анализата се осврнува на критичните точки кои влијаат на транспарентноста и отчетноста на постапката за распределба на државните средства како што се: краткиот рок за доставување на апликациите, само седум дена; комисијата за оценка на пристигнатите предлог-проекти која беше составена од високи владини функционери (министри и заменици, генерален секретар и двајца претставници на Советот); оценувањето на пристигнатите пријави кое се одвиваше нецели три дена кога Комисијата оценила 549 пријави. Односно, како што пресметале авторките, оценувачите имале по околу пет минути за да прочитаат една целосна апликација (проектна рамка и буџет) и да и дадат оценка.

Во последните три години се направија позитивни исчекори на новата Влада кон отворање на институциите за соработка и вмрежување со граѓанскиот сектор, а Владата изрази подготвеност да го промени системот на државно финансирање. За жал, примерот на нетранспарентно кратење на веќе планирани средства од буџетот го враќа целиот процес наназад.

Оваа анализа е подготвена во рамки на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на ГО“ која се имплементира од страна на МЦМС во партнерство со Центарот за развој, соработка и информирање на граѓанските организации од Словенија (ЦНВОС) и Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), а финансиски е поддржана од Европската Унија.

ОК2015- систем за управување со квалитет на граѓански организации во Хрватска

На 20 јануари 2021 г., преку онлајн платформата ЗООМ, се одржа работилница на која беше презентиран механизмот за саморегулација на граѓански организации во Хрватска, наречен ОК2015. Слаѓана Новота од организацијата СМАРТ и една од авторите и спроведувачите на хрватскиот систем за саморегулација, на учесниците им го пренесе искуството за предизвиците со кои се соочиле при воспоставување на овој механизам и нивното надминување. Зборувајќи за Водичот за ОК2015 и основните принципи на кои тој се базира таа рече дека станува збор за „минимум стандарди и придружни критериуми кои било кое здружение може да ги исполни, а пред се подразбира работа во согласност со пропишаните законски одредби“.

Во текот на работилницата, учесниците имаа можност, во помали групи, да дискутираат за содржината на идниот документ за регулирање на отчетноста и транспарентноста на граѓанските организации во Македонија. Областите како што се: организацискиот развој, вредностите и основните принципи кои треба да бидат вклучени во овој документ, начинот на кој овој документ ќе се формулира, развива и промовира, како и начинот на кои ќе се следи неговото почитување од страна на организациите се прашањата на кои претставниците на граѓанскиот сектор во Македонија ќе треба активно да работат во периодот кој следи.

Оваа работилница е дел од активностите кои ги спроведува МЦМС, преку програмата „Одржливо граѓанско општество- државно финансирање за граѓански организации“. Еден од очекуваните резултати од овие активности е воспоставување и функционирање на Мрежа за транспарентност и отчетност на граѓанските организации и Етички кодекс.

Програмата „Одржливо граѓанско општество–државно финансирање на граѓански организации“ е финансирана од Европската Унија.